За центарот

За истражувачкиот центар

Истражувачкиот центар за културно наследство „Цветан Грозданов“ e научна организациона единица на Македонската академија на науките и уметностите, формирана во 2014 година под раководство на акад. Цветан Грозданов. За раководител на Истражувачкиот центар во 2018 година е поставен акад. Ѓорги Поп-Атанасов.

Основна цел на Истражувачкиот центар е проучување на културното наследство на почвата на Македонија од античко време до времето на Просветителството (историја на уметноста и археологија).

Работата на Истражувачкиот центар започна со формирањето на Советот на Центарот, во состав: акад. Цветан Грозданов, акад. Вера Битракова Грозданова, акад. Ѓорги Поп-Атанасов, акад. Витомир Митевски, акад. Иван Катарџиев, акад. Глигор Чемерски, проф. д-р Елица Манева, архиепископ г. г. Стефан, митрополит г. Тимотеј и Беџехудин Шехапи.

Од 5 март 2018 година, Советот на Истражувачкиот центар е во состав: акад. Вера Битра­кова-Гроз­данова, акад. Ѓорги Поп-Атанасов, акад. Влада Урошевиќ, доп. член Драги Ѓоргиев, доп. член Марјан Марковиќ, проф. д-р Елица Манева, архи­епископ г. г. Стефан, митрополит г. Тимотеј и м-р Беџехудин Шехапи.

Во Истражувачкиот центар, моментно, се вработени д-р Сашо Цветковски, научен советник, и д-р Александра Николоска, виш научен соработник.

Основна цел на Истражувачкиот центар е проучување на културното наследство на почвата на Македонија од античко време до времето на Просветителството. Главна задача на Истражувачкиот центар е редовно издавање на меѓународното научно списание за културно наследство со Меѓународен редакциски одбор, а тоа е годишникот MONUMENTA, кој се стреми кон висок степен на фактор на влијание, релевантно списание со кое се врши размена со клучните регионални и светски центри. Соработници на Истражувачкиот центар се специјалисти, доктори на науки од земјава и од странство. Во рамките на програмата дополнително се печатат монографии за елитните споменици од Македонија, како и зборници од научни собири организирани од Истражувачкиот центар.


За основачот

Цветан Грозданов е роден во Охрид во Охрид во 1936 година. Во Охрид заавршил основно и средно образование. Студиите по историја на уметноста ги завршил на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Белград, каде што дипломирал во 1961 година. Потоа бил кустос и директор на Народниот музеј во Охрид. Од 1970 година работел на Филозофскиот факултет во Скопје (Група за историја на уметноста), каде што бил и декан (1989 – 1991).

Бил министер за култура во Првата влада на Република Македонија избрана од плуралистичкото Собрание (1991/92 г.).

акад. Цветан Грозданов (1936-2018) основач на Центарот

За книгата “Охридскиот фрескоживопис од XIV век” добитник е на државната награда “11 Октомври” (1981 г.), а за книгата “Портрети за светителите од Македонија од XI до крајот на XVIII век” ја примил највисоката награда на Град Скопје “13 Ноември” (1984 г.). За својата научноистражувачка дејност и објавените трудови, Цветан Грозданов е прв добитник на охридската награда “ 7 Ноември” (1969 г.). По повод одбележувањето на 150 години од формирањето на Матица Српска, доделен му е сребрен медал, за неговата соработка во Годишникот – Зборник за ликовни уметности, Нови Сад – Војводина (1975 г.). Синодот на Руската православна црква му го додели медалот “Св. Владимир Велики” (1988 г.).

За монографијата “Св. Наум Охридски”, Цветан Грозданов е добитник на највисоката награда за наука во Република Македонија “Гоце Делчев” (1996 г.). Во 2007 година Македонската православна црква му го доделува орденот “Св. Климент Охридски” од прв ред, а во 2011 година Дебарско – кичевската епархија на Македонската православна црква му го доделува и орденот на “Св. Наум Охридски” од прв ред. Во 2014 година Цветан Грозданов е добитник и на државата награда “Св. Климент Охридски” од областа на културата. Цветан Грозданов од 2007 година е и носител на орденот за заслуги за Македонија. Друштвото на интелектуалците “Духовни конаци” на Македонија во 2005 година му ја додели наградаата “Велја кутија” за книгата “Уметноста и културата на XIX век во Западна Македонија” (2005 г.).

Во 1991 година Цветан Грозданов е избран за дописен член, а од 1996 година за редовен член на Македонската академија на науките и уметностите. За претседател на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 1 јануар 2004 година.

Покрај другите признанија и одликувања за неговата научноистражувачка дејност избран е за странски член на Српската академија на науките и уметностите и за надворешен член на Црногорската академија на науките и уметностите.

Украинската академија на науките, академик Цветан Грозданов го одликува со признанието “Златна фортуна”. На академик Грозданов, Бугарската академија на науките му го додели највисокото одликување (медал) “Марин Дринов”. На Државниот универзитет во Софија, Бугарија, доделено му е звањето Doctor Honoris Causa со кое го одликува и Државниот универзитет “Тарас Шевченко”, Киев, Украина. Во 2003 година е одликуван со медал на Државниот институт за стратегиски истражувања од Република Турција. Во 2005 година е избран за член на Здружението на европските интелектуалци.

Деталната биографија на акад. Грозданов може да се види на главната страна на МАНУ.

Комплетната библиографија на акад. Грозданов можете да ја погледнете тука (изработено од Љубомир Ѓоревски и Вангел Аџиовски од библиотеката на МАНУ).

Статијата на д-р Сашо Цветковски посветена на 50-годишнината на научно-истражувачката дејност на акад. Грозданов можете да ја погледнете тука.